Најдобрите 10 македонски пакувања бр.5 и бр.4

На 5тото и 4тото место се наоѓа една од ретките македонски компании која сериозно ја сфати проблематиката на својот визуелен идентитет и изгледот на своите пакувања.

Vitalia Redfruit bars
Redfruit bar (6x35g) – Виталија | Дизајн: Brinner Creative Studio

Во годините кога се основаше Виталиа се чини дека не постоеше голема потреба за производите именувани како „здрава храна“.  Може да се каже дека оваа компанија е пионерот кој ја создаде потребата кај македонскиот потрошувач притоа истовремено отворајќи простор на полиците од македонските маркети за производите групирани под името„здрава храна“. Денес Виталиа изгледа многу поинаку од компанијта со две специјализирани продавници во Скопје кои многу тешко се наоѓаа. Како што растеше нивното портфолио на производи, така истите почнаа да стануваат се подостапни на рафтовите. Со тек на времето Виталиа почна да станува од компанија препознатлива по уникатни производи (глина, јаворов сируп, млеко од соја) во една „понормална“ компанија, сега попрепознатлива по нивните цереалии и енергетски плочки. Овие нови производи настапија на пазарот со еден карактеристичен дизајн кој изгледаше многу поразлично претходните производи на оваа компанија но, и од производите на останатите компании во истиот сектор.

Кафената етикета во која е впишан несмасно уреден текст наеднаш стана голема бела површина со современ фонт, современи бои и квалитетни фотографии, а логото од проѕирно стана исклучиво бело. Новите производи конечно оддаваа современ и софистициран впечаток. За среќа овој успех во визуелниот третман се совпаѓаше со успехот на постигнатиот вкус и карактеристичната крцкава текстура на самите производи. Житариците на Виталиа преку ноќ станаа бренд без практично никаква промоција. Производите зборуваа сами за себе. Ова е резултат на постигнатата синергија помеѓу пакувањето и содржината на производите која вели: „тоа што го гледаш – тоа и го добиваш, ако не и повеќе!“.

Најверојатно водени од успехот на житариците со амбалажа во бела ќеса, компанијата почна да произведува и житарици во картонски кутии. Паралелно со овие пакувања почнаа да се појавуваат и енергетски плочки во различни серии и вкусови. Карактеристичното за сите нови пакувања е што кај сите беше забележлив плоштниот третман на бојата. Се чини дека секој единечен производ на Виталиа има за задача да игра голема бела цигла меѓу останатите производи, а доколку овие производи се наредат блоковски (по вообичаениот начин кој се користи во малопродажбата) за потрошувачот е неизбежно го забележи овој бел ѕид меѓу останатото шаренило. Ова е само доказ дека Brinner Creative Studio  многу добро знае што прави и многу добро ги сфаќа трендовите во малопродажбата.

Vitalia Granola
Granola 350g – Виталиа | Дизајн: Brinner Creative Studio

Плоштниот третман на бојата е практика која релативно скоро почна да се применува во дизајнот на пакувањата. Интересно е да се забележи дека дизајнерите ја искористиле и црната боја за пакувањето на еден од производите на Виталиа – Red fruit bar (premium). Оваа боја до сега беше резервирана само за чоколадите и кафињата па затоа треба да се честита на раководството на оваа компанија зошто (нетипично) ја прифатило оваа боја како доминантна за еден од нивните производи, кој патем изгледа одлично!

Од другата страна на овој голем успех се кријат опасности со кои верувам дека би можела да се соочи компанијата во иднина. Имено, редизајнот не е застапен кај целото нивно портфолио па доколку земете на пример оцет, органски чај и гранола житарки и ги поставите едни до други ќе немате претстава дека се работи за производи од иста компанија. Ова не е секогаш неопходно за успехот на производите, меѓутоа тие оддаваат впечаток дека се направени  во различни временски периоди кои имаат распон од 4 декади. Второ, новите производи се соочуваат со опасноста да станат монотони и недоволно диференцирани. Белината иако е успешна за разграничување помеѓу производите од другите компании, таа не е успешна во разграничувањето меѓу сопствените серии производи (гранола житарки и vitality житарки). Распоредот на елементите во пакувањата останува скоро ист и карактерот на употребените фотографии останува да биде генеричен (stock photo), впечаток кој под наплив на некој  бренд  кој зрачи со поавтентичен дух веднаш би се растворил во својата недефинираност сведувајќи ги на еквиваленти со пакувањата на private label брендовите (читај Веро павлака). Како илустрација, доволно е да се споредат овие житарки со брендот на Plazma. Најпосле, сите нови пакувања што изглегоа откако е ангажирано Brinner Creative Studio се на англиски. Иако Виталиа е компанија која сака да остави светски впечаток, се добива чувство дека со овој потег бега од своите корени и штета е што барем производите што се пласираат на македонскиот пазар не го носат нашето писмо.

Под претпоставка дека оваа компанија го остварува својот извоз во регионот кој не изобилува со висококвалитетни производи и голем број на автентични брендови верувам дека и покрај овие опасности компанијата остварува позитивен резултат. Способноста да се види оваа слабост кај домашните компании и кај компаниите од регионот и  храброста да се усвојат нетипични промени во изгледот и квалитетот на производите се карактеристиките кои и го трасираат патот кон успехот на Виталиа. Токму поради доа  верувам дека и натаму ќе гледаме успешни производи и успешни пазарни потези од оваа домашна компанија.

КОН МЕСТО БР.6

5 thoughts on “Најдобрите 10 македонски пакувања бр.5 и бр.4

  1. Меѓу и и а има Ј. Виталија не виталиа, глупо изгледа. Второ тоа е на англиски се, не е на македонски, така што може да се рече дека не е наша реклама!

    1. Компанијата се вика Виталиа, без Ј, и мене ми доаѓа малку чудно. Што е до употребата на јазикот, имаш право и го внесам во статијава ова наскоро. Инаку не е се до реклама, важно е што е македонски производ чие пакување е направено од македонска компанија, затоа е внесен во листата.

  2. Одлични пакувања и сметам дека и Виталиа и Brinner Creative Studio добро се движат. Но, имам една сериозна забелешка: сите производи кои се појавија на пазарот со овој дизајн се на англиски јазик! Навистина не знам како компаниите се решаваат на овој потег. Кому се обраќаат? Закон? …

    Секако долга и засебна тема е тоа, но во секој случај тоа еден детал кој сериозно ми пречи и кој мислам дека остава негативен впечаток.

    1. Треба да се провери тоа со законот… Скопско на пример од една страна е на англиски од друга на македонски. Ќе ми биде чудно доколку не го почитуваат законот, обично поголеми фирми пазат на тоа. Зошто на тој потег се одлучиле е многу едноставно: целење на странски пазар и евентуална заштеда во производство.

      1. Да, треба да се провери, но секако не зборувам само за законот, туку за односот со потрошувачот. Јас сум македонец, зборувам македонски и купувам македонски производ на македонски пазар. Знам дека причината е штедење и целење на странски пазар, но македонскиот пазар им е примарен и најважно – сакам да ме почитува компанијата. Затоа и СКОПСКО (а и многу други) ги печатат своите пакувања и на македонски и на англиски.

Leave a comment